Санде Стојчевски

КОПНЕЖ ПО СОВРШЕНСТВО

(„Естетска стоматологија – принципи и техники“)

Лицето две с’нца грејат,
устата как златна чаша,
з’бите как дробен бисер.
(Македонска народна песна)

Во литературата, во науката, меѓу мислечките луѓе, отсекогаш постоела една голема дилема, не толку неразрешлива колку сè уште неразрешена. Имено, дали околностите ги овозможуваат големите личности или, обратно, исклучителните карактери влијаат во создавањето и во обликувањето на околностите. Како и обично кога станува збор за крупни прашања од суштински заеднички интерес, се чини дека вистината е сепак некаде на средина.

Ваквите размисли ми се наметнуваат секогаш кога ќе се најдам во разговор со примариус доктор Коте Тасевски, специјалист по болести на забите и ендодонтот, како што точно гласи неговата висока титула. Па си мислам вака: ако се родите во селско патријархално семејство во убава балканска провинција, па набргу во младоста единствен започнете да правите огромни социјални скокови, првин до најблискиот град, па до универзитетскиот центар на земјата, па до големите европски метрополи, на високите медицински образовни институции, па создадете благословено семејство со прекрасна животна другарка и со умно, здраво амбициозно потомство, формирате врвни медицински центри и друг вид општополезни заедници, сè до една ваква образовна институција во која им овозможувате на младите да ја усовршуваат благородната медицинска дисциплина, пракса, наука, како што со право се опишува вашата професија – не значи ли тоа дека во исти околности само исклучително ретки личности успеваат да ги надраснат ограниченостите на пошироката социјална рамка, а потоа самите, со својата незапирлива креативна енергија, упоритост, наум и посветеност на областа што сте ја избрале, самиот да создадете услови, вие да креирате околности во кои нови, млади личности со слични претпоставки ќе се промовираат во исклучителни професионалци? Не говори ли тоа дека примариус доктор Коте Тасевски е во извесна смисла доказ дека околностите можат да бидат совладани, надминати од појавата на ретки, високо самосвесни личности, од една страна, но и доказ за спротивната теза, а имено, дека исклучително посветени, темелно креативни личности можат да дизајнираат услови и околности за појава на мајстори за кои плаче гората, како што пееја нашите умни предци? Да замислат, да поттикнат и да основаат една ваква високообразовна институција, во која денеска прекрасни млади луѓе со право стојат пред нас со озарени, високо исправени чела. И уште: своето големо знаење, своето големо искуство во оваа област на медицината, несебично да ги господели со генерациите што доаѓаат. Со таа високо хумана цел доктор Коте ја напиша книгата, учебникот „Естетска стоматологија – принципи и техники“.

Всушност, доколку не се работеше за врвна професионална студија од највисок ред, од најредок ков, овие атрибути рамноправно би се натпреварувале за првенство, зашто навистина е тешко да се распоредат тие во впечатокот на читателот, сеедно од каква провениенција е тој: студент кој допрва навлегува во тајните на оваа специјална гранка на медицината, долгогодишен стручњак кој сака да ги освежи знаењата со најнови информации или само обичен љубопитник како што е авторот на оваа искрена, топла и чиста препорака.

Она што особено треба да се нагласи кога станува збор за професионалната неспорност и за реализираните стручни потенцијали на оваа книга е нејзината поставеност и основаност врз едно кредо што е во фундаментите на сите човечки дејности, во сите креативни области и во материјалната и во духовната сфера. Имено, станува збор за чувството, за поставеноста и за одбирот на врховноста, на мајсторството, на посветеноста, која далеку ги надминува, инаку респектабилните рамки на професионалноста. Во оваа студија секоја постапка, секој потег, секој потфат редовно се наоѓа во близината на опсесијата за совршенството, за единственото, најдобро можно решение на проблемот, на задачата, на интервентниот медицински зафат. Тоа е така затоа што се имало предвид дека се дејствува на две линии, на два колосека, дека освен што се лекува, овде се трага и по уште еден врвен квалитет – по убавината. Здравјето и убавината, две состојби, два вечни копнежа на кревкото и минливо човечко суштество. Затоа оваа медицинска книга во еден свој, исто така суштински дел, може да се чита и да се доживее и како текст со несомнени естетски својства и димензии. Дека е тоа така, читателот ќе се увери уште со првите реченици. Таму, имено, рековме, веднаш е присутен еден клучен естетички поим – совршенството. Со него се започнува, тој се воведува во централната насока на медицинскиот коментар. Еве, чујте:

„Совршениот естетски изглед е изразен, пред сè, низ прекрасната бисерна насмевка, која во суштина е синоним за убавината како универзален поим и која бара врамнотежени пропорции, постојано предизвикувајќи состојба на пријатни чувства. Насмевката е една од најспецифичните карактеристики на личноста и, заедно со устата и очите, најкомплексно го изразува карактерот на личноста.“

Внимателниот читател нема да пропушти да забележи дека тука поимот совршенство не е просто случајно упаднат, туку дека во неговата светлина се доведуваат и други елементи и термини кои им се својствени на естетичките анализи и коментари. Да ја издвоиме макар синтагмата „врамнотежени пропорции“, која бездруго принадлежи на областа на естетиката, но тука се соочуваме и со едно навестување на психолошки пристап, со намера за проникнување во чувствената сфера, во толкување на емотивните и карактерните особини на личноста, на пациентот, кој е во потрага по најсоодветниот сопствен израз и лик или, со други зборови, кој трага по ведрината, по спокојството и по радоста, по квалитетен начин на живеење, преку досегнување на насмевката, за да може да се вклучи во секојдневниот комуникативен сообраќај во средината во која дејствува.

Сето ова сведочи дека имаме работа со вистинска посветеност на вештината, на медицинската област што се одбрала, на опсесија со врховноста во пристапот, во третманот, до крајниот резултат – до здрава и ведра насмевка, до среќна, активна, остварена личност. Таа посветеност, таа опсесија е истовремено и вистинска страст, „страст за стремење кон совршени резултати во работата“.

Особен придонес за полнотата и за функционалноста на книгата секако придодаваат и беспрекорните фотографии, кои редовно го дообјаснуваат текстот и сведочат за сложените „естетски процедури“ преку кои забите се доведуваат до блесок, до сјај, до беспрекорен изглед, па со право можат во устата, како во златна чаша, да заприлегаат на дробен бисер, достојни за восхит и за песна.