Отворен првиот Приватен научно-образовен институт – Академија за естетска стоматологија
- 11/10/2021
- Posted by: IACD
- Category: НАСТАНИ
Пријавите за магистерски студии за естетска стоматологија се поднесуваат до крајот на октомври, а првиот семестар почнува од 8 ноември
Со свечен собир и седница на Наставно-научниот совет, на 2 октомври годинава почна со работа Приватниот научно-образовен институт – Академија за естетска стоматологија во Скопје, придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип. Академијата ќе оспособува кадри од втор и трет степен врз основа на највисоките меѓународно потврдени наставни и практички програми. Основач и директор на оваа научно-образовна институција, прва од таков формат во државава и во регионот, е прим. д-р Коте Тасевски.
-Со добивањето на Решението од Министерството за образование, Академијата за естетска стоматологија се впиша во регистарот на научно-образовни институции и тоа е круна на досегашната наша работа. Од денеска почнуваме битка со која ќе докажеме дека со право сме ја понеле таа титула – истакна д-р Тасевски.
Академијата за естетска стоматологија е плод на знаењата и усилијата на голем број луѓе од научната фела, на голем број професори од областите на стоматологијата, доктори професионалци кои несебично помагаа да се стаса до целта.
-Среќен сум што од денеска нашите магистранти ќе бидат рамо до рамо со светските научни и практични знаења во естетската стоматологија и дека на тој начин ќе придонесеме за унапредување на вкупното здравје – рече д-р Тасевски.
Академик Владо Камбовски, претседател на Одборот за акредитација и евалуација на МОН, истакна дека денес и во светот, во многу области, а посебно во стоматологијата, водечки се приватните институти. Тие го носат напредокот, затоа што приватниот капитал подобро се менаџира.
-Академијата за естетска стоматологија, покрај институционалната верификација, заслужува поддршка од дражавата, зашто ќе ги донесе највисоките научни и практични знаења во таа област. Така ќе охрабри и други приватни инвеститори, сами или со приватно-државно партнерство, и во други дејности, да почнат засилено да се развиваат, што е добро за нашата земја – рече академик Камбовски.
Осврнувајќи се на развојниот пат на стоматологијата, проф. д-р Ана Миновска, претседател на Наставно-научниот совет, подвлече дека таа здравствена облст има свое минато и сегашност.
-Ние се зафаќаме да ја проектираме иднината и тоа ќе го правиме многу побрзо отколку што било можно порано. Нам ни оди во прилог брзиот развој на техниката и технологијата. Помина времето кога стоматологијата подразбираше само превенција и лекување на забите. Таа дејност еволуираше и естетиката на забите и на насмевката, со примена на интердисциплинарни знаења и практики, стана дел од рамковната целина на грижата за здравјето – подвлече проф. Миновска.
Пријавувањето на кандидатите за магистерски студии на Академијата за естетска стоматологија трае до крајот на октомври, а првиот семестар почнува од 8 ноември годинава.
ГАЛЕРИЈА
[cq_vc_dagallery images=”1841,1842,1844,1845,1846,1847,1848,1849,1850,1851,1852,1853,1854,1855,1856,1857,1858,1859,1860,1861,1862,1863,1864,1866,1867,1868″ gallerywidth=”100%” width=”267″ height=”180″ thumbtitle=”” thumbdesc=”” color=”#ffffff” background=”#3c5f4b”]