Посета на Академијата на проф. д-р Бојан Игнатовски, специјалист по општа пластична реконструкциска и естетска хирургија
- 23/09/2022
- Posted by: zvermar
- Category: НАСТАНИ

На 20ти септември гостин на Академијата беше Д-р Бојан Игнатовски, специјалист по општа пластична реконструкциска и естетска хирургија и сопственик на поликлиниката „Аркадија“ во Дарувар, која е воедно и првата фамилијарна приватна поликлиника за пластична реконструкциска и естетска хирургија во Република Хрватска, отворена во 1992 година.
д-р Игнатовски ни кажа дека болницата е проценета на над два милиона евра, во неа работат 20 лица и во просек годишно има повеќе илјади пациенти, од кои 60 отсто се странци од Јужна и Северна Америка, Европа, Азија и Австралија, а 40 отсто се од Хрватска.
Д-р Игнатовски потекнува од Злетово. Медицински факултет завршува во Скопје, но целата професионална кариера ја изградил во Хрватска. Тој е синоним за пластична хирургија во Хрватска. Магистрантите на Академијата за естетска стоматологија имаа можност да го запознаат и да поразговараат со него за Естетиката како концепт.
Реконструктивната и пластичната хирургија се потреба на современиот човек. Тоа е медицинска гранка која се занимава со реконструкција на делови на човечкото тело враќајќи им ја можноста за функционалност и нормален изглед. Самата естетска хирургија е синоним за пластичната хирургија која, покрај естетската, во себе има поддисциплини, како што се реконструктивна, хирургија на дланка, микрохирургија, хирургија на вродени аномалии, хирургија на лекување на изгореници и друго. Тој спектар на оперативни техники го создава и широкиот круг на пациенти, независно од нивниот општествен статус, кои од различни причини имаат потреба да се изложат на интервенции.
Естетската хирургија е најдобра кога не се забележува. Постојат некои етички правила што не треба да се прекршат, вели д-р Игнатовски. И навистина е така, кај таканаречените мали хируршки интервенции доаѓаат и најголемите хируршки компликации. Со многу љубов, мотивираност и ентузијазам ја работам својата професија. На мојот професионален пат тежнеам хирургијата да ја доживувам како уметност, што таа во суштина е. Инаку, најсложени операции се тие кога се користи микрохирургијата за враќање на функцијата на екстремитетот или во поново време враќање на дел од телото, шиењето тетиви и нерви. Во оваа категорија спаѓаат и оперативните зафати како реконструкции на гради и на лузни од изгореници.
Пациентите секогаш треба да се информираат добро пред да се решат на каков било оперативен зафат. Центата не треба да биде одлучувачки фактор при изборот на докторот. Значајно е да се советуваат со неколку хирурзи и да го одберат тој во кого стекнале најголема доверба. Но, треба да спомнам дека тие зафати ниту ги решаваат домашните проблеми ниту, пак, овозможуваат влез во елитно друштво, а најмалку се референција плус за вработување. Затоа треба реално да се погледнат причините за естетските корекции и очекувањата зошто се прават.
Доктор Игнатовски еднаш неделно оперира во Загреб, често работи и во Словенија, а кога доаѓа приватно во Македонија има по неколку прегледи и консултации, става и ботокс и филери. Во Дарувар често има пациенти од Македонија. Се надева дека во иднина неговото знаење и практика ќе ги искористат и македонските пациенти и ќе се создаде посериозна соработка.