Have a question?
Message sent Close

СТАТУТ

Врз основа на член 18 од Законот за научно-истражувачка дејност („Службен весник на Република Македонија“, бр. 53/2016), на ден 12.07.2021 година основачот Коте Тасевски од Струмица, го донесува следниот

С Т А Т У Т

НА ПРИВАТEН НАУЧЕН ИНСТИТУТ
„АКАДЕМИЈА ЗА ЕСТЕТСКА СТОМАТОЛОГИЈА“ Скопје
(ПРЕЧИСТЕН ТЕКСТ)

 

I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Се основа Приватен научен институт „Академија за естетска стоматологија“ Скопје, со седиште на ул. „Кленоец“ бр. 85, лок. 4 и 8, Скопје-Карпош.

Член 2

Со овој Статут на Приватниот научен институт „Академија за естетска стоматологија“ Скопје, (во понатамошниот текст: Институтот) се уредува: називот и седиштето, застапувањето на Институтот, управувањето и раководењето, организационата подготвеност, научно-истражувачка и применувачка високостручна дејност, статусот на вработените со научни и соработнички звања и другите работници, финансирањето, како и други прашања од работењето на Институтот.

Член 3

Одделни прашања што не се уредени со овој Статут може поблиску да се уредат со правилници, одлуки и други акти.

ОСНОВАЧ

Член 4

Основач на институтот е Коте Тасевски од Струмица, државјанин на Р.С. Македонија.

Член 5

Oсновачките права на основачoт на институтот можат да се пренесуваат.
По основањето на институтот, како основачи на истиот можат да пристапат и други физички и правни лица.
Одлука за пристапувањето на нови oсновачи донесуваат oсновачoт на институтот.
Начинот на учеството на Основачот во работата и одлучувањето на органите и телата на Институтот ќе биде уредено со Актот за Основање и Статутот.

Член 6

Приватен научен институт „Академија за естетска стоматологија“ Скопје, е основан со Акт за основање од 23.04.2018 година.
Институтот е научна установа со права, обврски и одговорности утврдени со Законот за научно-истражувачка дејност и овој Статут.
Претежна дејност на институтот е научно-истражувачка, професионално едуцирање (разновидна професионална можност посветена на усовршување во науката и уметноста на естетската стоматологија).
Претежна дејност на институтот во националната класификација на дејности е заведена под шифрата: 72.19 – Други истражувања и експериментален развој во природните, техничките и технолошките науки.

Член 7

Институтот се основа на неопределно време.
Институтот може да престане со работа под условите и на начин утврдени со Закон и овој Статут.

НАЗИВ И СЕДИШТЕ НА ИНСТИТУТОТ

Член 8

Институтот ќе го носи називот Приватен научен институт „АКАДЕМИЈА ЗА ЕСТЕТСКА СТОМАТОЛОГИЈА“, Скопје.
Скратен назив на институтот е Институт „АКАДЕМИЈА ЗА ЕСТЕТСКА СТОМАТОЛОГИЈА“ Скопје.
Англиската верзија на името на научната установа е INSTITUTE ACADEMY OF COSMETIC DENTISTRY.
Скратена англиска верзија на името на научниот институт е IACD.

Член 9

Називот на институтот ќе стои на секој правен документ, кореспонденција, соопштение, публикација и документ од каква и да е друга правна природа.

Член 10

Седиштето на институтот е на адреса во Скопје, ул. „Кленоец“ бр. 85 лок. 4 и 8 Скопје, Влае.

Член 11

Институтот го користи заштитниот знак на основачот на институтот кој во себе го содржи називот кој гласи: НАУЧЕН ИНСТИТУТ „АКАДЕМИЈА ЗА ЕСТЕТСКА СТОМАТОЛОГИЈА“.

ПЕЧАТ, ЗНАЦИ И ДРУГИ ОБЕЛЕЖЈА

Член 12

Институтот има свој печат и штембил.
Печатот на Институтот е во тркалезна форма , во кој во средина е грбот на Република Северна Македонија и натпис во два реда.
Во надворешниот/прв ред е впишано: Приватен научен институт „АКАДЕМИЈА ЗА ЕСТЕТСКА СТОМАТОЛОГИЈА“ Скопје, а во внатрешниот/втор ред: РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА.
Големината на печатот и штембилот, нивната содржина, бројот и начинот на ракувањето, евиденцијата и нивното уништување ги уредува Основачот.
Штембилот е во правоаголна форма со ист текст како и печатот со место за дата и бројот на предметот. Штембилот се користи за архивско работење.

Член 13

Симболи на Институтот се грб и знаме.

Член 14

Грбот на Институтот е симбол во форма на круг кој го симболизира заокружениот процес на знаења и обуки што го нуди ЕСТЕТСКАТА СТОМАТОЛОГИЈА како најпрогресивна област и книга како симбол на интелегенција, моќ и знаење.

Член 15

Знамето на Институтот е златна боја со правоаголна форма, во средината го содржи грбот на Институтот, а во долниот дел пишува АКАДЕМИЈА ЗА ЕСТЕТСКА СТОМАТОЛОГИЈА.

Член 16

Со грбот и знамето се претставува Институтот.
Грбот на Институтот се употребува на знамето, дипломите, плакетата, меморандумот и изданијата на Институтот, на пригодни ковани пари што се издаваат по повод јубилејни прослави на Институтот, како и на други документи одобрени од директорот.

Член 17

Називот, знакот и седиштето на Институтот можат да се променат само со Одлука на основачот на Институтот.
Со Одлуката за промена на називот, знакот или седиштето, истовремено се одлучува и за новиот назив, знак односно седиште на Институтот.

НАЧЕЛА

Член 18

Научно-истражувачката дејност на Институтот се заснова врз следните начела:
– слобода и автономност на истражувањата и творештвото;
– поврзаност со образовниот систем;
– етичност;
– транспарентност во работата и дисеминација на резултатите;
– примена на меѓународни стандарди за квалитетот на науката;
– неповредливост и заштита на личноста и достоинството на човекот;
– разновидност на мислења, методи, теории и доктрини;
– примена на европските стандарди за регрутирање на истражувачи и нивно однесување;
– конкурентност и еднаквост на можностите;
– заштита на интелектуалната сопственост и
– применливост на резултатите.

ПРЕДМЕТ НА РАБОТЕЊЕ НА ИНСТИТУТОТ

Член 19

Институтот ги обавува следните дејности:

  • врши научно-истражувачка, применувачка односно апликативна дејност во меѓусебно поврзани научни и стручни дисциплини во рамките на Институтот и по овластување вон Институтот и се грижи за нивниот развој;
  • врши едукација на стоматолошки работници и зголемување на нивото на здравствена писменост на населението, како и развој на стоматолошката наука во регионот и пошироко;
  • реализира промоција на регионална и интернационална соработка со Универзитети, Високи школи, Институти, Академии и останати формални и неформални образовни институции;
  • го промовира здравствено претприемништво како современа деловна и развојна филозофија на приватните и јавните претпријатија и профитни и непрофитни организации;
  • врши развој на издаваштво (издавачка дејност) во насока на обезбедување на достапност на информациите до јавноста и развој на научната мисла;
  • помага на населението при партиципацијата во регионалните проекти и користењето на европските и останатите меѓународни фондови;
  • врши регрутирање, промоција и развој на квалитетни човечки ресурси, преку развивање на волонтерска пракса;
  • организира семинари, конференции, конгреси, симпозиуми, дебати, форуми и други научни, стручни собири, во земјата и странство согласно со овој Статут;
  • во рамките на интегрираниот библиотечно-информациски систем на Установата, ја организира работата на библиотеката и остварува библиотечно-информациска и документациска дејност;
  • остварува различни форми за надградување, продлабочување или проширување на знаењата и континуираното образование;
  • разменува научни и стручни услуги со домашни и странски физички и правни лица;
  • организира стручна и административна служба;
  • се грижи и презема мерки за усовршување на кадрите што изведуваат научно-истражувачка дејност и за кадрите во стручната и административната служба;
  • се грижи и презема мерки за тековно и инвестициско одржување на здраствените објекти и нивниот имот;
  • врши и други работи утврдени со закон и со овој Статут.

Член 20

Покрај дејностите од претходниот член 19, Институтот, без упис во регистарот на научните установи, може да извршува и други дејности во помал обем или повремено, а кои се во функција на дејностите запишани во регистарот на научните установи.

Член 21

За промена на предметот на работењето, односно дејноста на Институтот одлучуваат Основачите.

II. ЗАСТАПУВАЊЕ И ПРЕТСТАВУВАЊЕ НА ПРИВАТНИОТ НАУЧЕН ИНСТИТУТ

Член 22

Институтот го застапува и претставува Директор на научната установа.
Во случај на отсуство или спреченост на директорот, Институтот го застапува, односно претставува, неговиот заменик.

Член 23

Директорот, како застапник на Институтот, е овластен во име на научната установа да склучува договори и врши други правни дејствија, да го застапува Институтот пред судови, државни органи и други органи, организации и институции.

Член 24

Директорот во рамките на своите овластувања и надлежности може да овласти друго лице за превземање одредени правни дејствија.

Член 25

Директорот на Институтот со согласност на основачите, со решение назначува лица со посебни овластувања и одговорности.

Член 26

Овластувањата на директорот утврдени со овој Статут се запишуваат во судскиот регистер.

III. ОРГАНИ НА УПРАВУВАЊЕ И РАКОВОДЕЊЕ НА ИНСТИТУТОТ

ВНАТРЕШНА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ИНСТИТУТОТ

Член 27

Институтот се организира како единствена целина, со внатрешни организациони делови пропишани со овој Статут.

Член 28

Организацијата на Институтот се темели врз принципите на флексибилност и динамична менливост согласно на природата на предметот на работата на Институтот, при што профитот и оплодувањето на капиталот се основни параметри.
За поуспешно извршување на предметот на работење на Институтот, Советот на Институтот може да формира работни тимови и други експертски групи, како и да доверува вршење на одредени работи од дејноста на Институтот на други научни установи и други јавни установи и служби.
Начинот на вршењето на работите од став 2 на овој член се уредуваат со Договор или друг акт, што го склучува, односно донесува Советот на Институтот.

УПРАВУВАЊЕ И РАКОВОДЕЊЕ СО ИНСТИТУТОТ

Член 29

Органи на управување и раководење на Институтот се:
– СОВЕТ-орган на управување;
– ДИРЕКТОР-орган на раководење.

Совет

Член 30

Советот на институтот е највисоко оперативно тело, со цел унапредување на научно–истажувачката работа.
Совет е составен од 9 члена, од кои 6 члена се претставници од вработените, а останатите ги именува Основачот на Институтот.
За член во Советот на Институтот може да биде избрано лице кое има научно звање доктор на науки, а преставниците што ги одредува основачот треба да бидаат најмалку со високо образование.
Членовите на Советот се избираат врз принципите на стручност и компетентност, за период од 4 години.

Член 31

Советот има Претседател кој се избира од редот на членовите на Советот и тоа со мнозинство гласови на сите членови, со јавно гласање.
За Претседател на Советот на Институтот може да биде избрано само лице со научно звање.
Претседателот на Советот го свикува Советот и претседава со седниците.
Претседателот го претставува Советот и се грижи за законско работење на Советот на Институтот.
Работата на Советот ќе биде детално разработена во Деловникот за работа.

Член 32

Советот на институтот има надлежност да:
– донесува Статут на Институтот;
– донесува програма за работа и развој;
– донесува финансов план;
– донесува годишна сметка;
– усвојува годишен извештај за работата на Институтот;
– донесува акт за внатрешна организација и систематизација на работни места;
– врши избор и реизбор на соработници во научни и соработнички звања;
– одлучува за работите кои се однесуваат на оспособувањето и усовршувањето на научните кадри;
– одлучува за пријавување на научни прокети и за издавање на научни трудови;
– ги анализира и оценува резултатите од научните истражувања;
– одлучува за работите во врска со меѓународната научна соработка;
– донесува одлука за основање на студии од втор и трет циклус;
– донесува акти за обезбедување и внатрешна контрола на квалитетот на научната и наставно-научната дејност и го следи нивното спроведување;
– усвојува извештаи за реализација на научните проекти;
– одлучува за работите кои се однесуваат на набавка на научна литература и опрема;
– одлучува за организирање на научни собири, симпозиуми и слично;
– врши и други работи кои се во функција на остварување на дејноста.

Член 33

Одлучувањето по прашањата од член 32, став 1, алинеја 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 13 и 14 на надлежностите на Советот на Институтот, се одвива по принципот на одлучување во кое учестуваат и претставниците на вработените и претставниците на основачот.
Одлуките се сметаат за донесени доколку за нив гласало мнозинството на претставниците на основачот.
Во одлучувањата по прашањата од член 32, став 1, алинеја 8, 9, 10, 11, 12, 15, 16 и 17 учестуваат претставниците на вработените и одлуките се сметаат за донесени доколку за нив гласало мнозинство од овие претставници.

Член 34

Член на Советот се разрешува пред истекот на времето за кое е избран, доколку:
– неоправдано отсуствува повеќе од три последователни седници на Советот;
– неодговорно и несовесно ја извршува функцијата член на Советот;
– самиот побара да биде разрешен;
– е спречен да учесвува во работата на Советот подолг временски период (породилно отсуство, болест и сл.);
– е упатен на стручно оспособување во странство на подолг временски период, но не подолго од 3 месеци;
– смрт и сл.

Член 35

Иницијатива за утврдување на одговорност на член на Советот може да покрене секој член на Советот.
Одлука за одговорност на член на Советот донесува Основачот.

Член 36

Седниците на Советот се свикуваат најмалку два пати во текот на една календарска година од страна на Претседателот на Советот.
Членовите на Советот мора да бидат известени за седницата најмалку 7 денови однапред, со писмено известување или преку електронска пошта со што ќе им бидат доставени материјалите за седницата.
Се смета дека седницата го има потребниот кворум за работа доколку се присутни повеќе од половината од вкупниот број на членови на Советот.
Седниците на Советот може да се одржуваат и по пат на телефон, видео конференција или преку средства за електронска комуникација.
Одлуките на Советот може да се донесуваат и по пат на електронска комуникација со користење документи потпишани со дигитален сертификат.

Директор

Член 37

Директорот е раководен орган на институтот и е одговорен за законитоста во работата на институтот.
За директор на институтот без ограничување се избира Коте Тасевски.
Директорот на институтот се именуваат и разрешува од Советот на институтот по предлог на основачот.

Член 38

За Директор на Институтот може да биде именувано лице кое покрај општите услови утврдени со законот треба да ги исполнува и посебните услови:
– да има завршено високо образование;
– да има работен стаж од најмалку 5 години работно искуство во научната и истражувачката дејност;
– да не е осудуван за кривични дела;
– да поседува Уверение дека за него нема изречено прекршочна санкција; – забрана за вршење професија, дејност или должност.

Член 39

Директор се избира по пат на јавен оглас, објавен во дневен печат за период од 4 години со право на реизбор.
Јавниот оглас за именување на Директор на Институтот го распишува Советот.
Јавниот оглас се објавува во дневен печат и трае 8 дена од денот на објавувањето.
Постапка за избор на Директор започнува најдоцна шест месеци пред истек на мандатот на Директорот.

Член 40

Јавниот оглас го спроведува конкурсна комисијата составена од 5 (пет) члена од вработените од кои најмалку 3 (три) се со научни звања, која ја формира Советот.
Комисијата од став 1 на овој член е должен во рок од 5 дена од денот на завршувањето на огласот на Советот да му поднесе листа со образложение за кандидатите.
Советот во рок од 8 дена по приемот на листата утврдува мислење за именување на Директор и го доставува до основачите.
За утврдување кандидат, односно кандидати за избор на Директор, Советот може полноважно да одлучува доколку се присутни две третини од вкупниот број негови членови претставници на Основачот и Советот.
Основачот нема право да изврши избор на предложениот кандидат, односно кандидати за Директор, ако не ги исполнуваат условите утврдени со закон, ако е сторена повреда на постапката за неговото утврдување, ако извршил повреда на угледот на Установата и ако неговата работа е во спротивност со актите на Институтот.
Кандидатот што не е избран, во рок од 7 дена, има право да поднесе приговор до Советот.
Доколку Советот го прифати приговорот од претходниот став на овој член, Основачот ја преиспитува одлуката. Одлуката на основачот е конечна.
Доколку основачот не избере кандидат, постапката за предлог се повторува во Институтот.

Член 41

Начинот на утврдување предлог-кандидат, односно кандидати за Директор и разрешување на директорот и неговиот заменик, поблиску се уредува со правилникот на Институтот, во согласност со овој Статут.

Член 42

Ако на објавениот оглас за директор не се пријават кандидати, или се пријават кандидати кои не ги исполнуваат условите или по спроведената постапка за именување на Директор не биде именуван директор, се распишува нов оглас.

Член 43

Директорот ги има следните права и должности:
– непосредно раководи со работењето на Институтот;
– ја организира научно-истражувачката работа;
– самостојно донесува одлуки од делокругот на неговата надлежност утврдена со закон, други прописи и општи акти на Институтот;
– го претставува и застапува Институтот пред трети лица;
– се грижи за законитоста во работата на Институтот и за примената на законите, другите прописи, статутот и другите акти на Институтот;
– ја предлага годишната програма за работа и превзема мерки за нејзино спроведување;
– ги извршува одлуките и заклучоците на Советот;
– врши избор на вработени со научни и соработнички звања и други работници;
– одлучува за распоредување на вработените со научни и соработнички звања и други работници и врши оценување во согласност со резултатите од нивната работа;
– поднесува извештај за успехот и постигнатите резултати во научно-истражувачката работа;
– одлучува за престанок на работниот однос на вработените со научни и соработнички звања и другите работници;
– поднесува извештај за реализација на годишната програма до Министерството надлежно за образование и наука;
– склучува договори, потпишува дипломи, решенија, налози, уверенија и други акти согласно законот;
– одобрува отсуства на вработени и студенти;
– одредува замена на ненадејно отсутни работници;
– дава наредби за финансиско-материјално и административно работење на Институтот;
– се грижи и презема мерки за условите за работа и непречено вршење на дејноста на Институтот;
– соработува со надлежни просветни, научни и други органи;
– врши инструктивно-педагошки надзор на Институтот;
– се грижи за редот и дисциплината во Институтот;
– назначува лица со посебни овластувања;
– врши и други работи во согласност со Законот, статутот и другите акти.

Член 44

Директорот на Институтот може да задржи од извршување некоја одлука на Советот доколку смета дека истата е спротивна на закон или друг акт.

Член 45

Директорот на Институтот може да биде разрешен и пред истекот на мандатот за кој е избран, и тоа:
– на барање на Основачите;
– на барање на Советот;
– на лично барање;
– ако не го спроведува законот или општите акти на Институтот;
– ако дозволи организирање на дејности и активности што се во спротивност со плановите и програмите на Институтот; и
– други случаи предвидени со закон.
Одлука за разрешување на директорот и неговиот заменик донесува Советот по предлог на основачот на институтот.

Член 46

Иницијатива за разрешување на Директорот и неговиот заменик може да покренат најмалку половина од вкупниот број на претставниците на Основачот и преставници од Советот.
Одлуката за покренување иницијатива за разрешување на Директорот и неговиот заменик се смета за донесена доколку за неа гласале мнозинство од вкупниот број на претставниците на Основачот.

Член 47

Доколку постапката за именување на Директор не биде завршена во предвидениот рок, основачот именува вршител на должност Директор.
Лицето избрано за вршител на должност Директор, својата должност може да ја врши најдолго 6 месеци од денот на неговото назначување на функцијата вршител на должноста Директор на Институтот.

СТРУЧНА И АДМИНИСТРАТИВНА СЛУЖБА

Генерален секретаријат

Член 48

Генерален секретаријат претставува служба во која се интегрирани стручна и административна служба.
Со работата на службите (стручна и административна) раководи Генерален секретар.
Генералниот секретар го именуваат и разрешува Основачот, а за својата работа одговара пред Директорот.

Член 49

Генералниот секретар во стручната служба покрај тековните обврски дефинирани во правилникот на установата, одговорен е за подготвување на одлуки и општи акти, како и се грижи за соработка на Институтот со соодветни државни и општински тела и органи надлежни за научно истраување.

Член 50

Генералниот секретар во административна служба покрај тековните обврски дефинирани во правилникот на Институтот одговорен е и за подготвување и обработка на материјалите за седниците на Советот, се грижи за уредноста и ажурноста во работата по предметите и подготвувањето на другите материјали.

Член 51

Начинот на кој се вршат стручните и административните работи во Генералниот секретаријат на Институтот се уредува со правилник што ги донесува Советот.

Член 52

Начинот на работа, видовите на работните места, работните задачи со условите, бројот на извршителите и нивните права, обврски, одговорности и други прашања поврзани со Генералниот секретаријат, се утврдуваат со општ акт на Основачот, по предлог на Директорот.

IV. НАУЧЕН РАБОТНИЦИ НА ИНСТИТУТОТ

Член 53

Научните работници во Институтот се избираат во научни и соработнички звања.
Научни звања се: научен соработник, виш научен соработник и научен советник.
Соработнички звања се: помлад асистент-истражувач и асистент-истражувач.
Научни звања
Член 54
Научен соработник (доцент) може да биде избрано лице кое ги исполнува следниве услови:
– да има научен степен доктор на науки за подрачјето за кое се избира;
– да има објавени стручни трудови и
– да има постигнувања во примена на научните резултати.
Виш научен соработник (вонреден професор) може да биде избрано лице кое ги исполнува следниве услови:
– да има научен степен доктор на науки од подрачјето за кое се избира;
– да има повеќе рецензирани научни трудови објавени самостојно или во соработка со други автори;
– да има учество во научен проекти и да има значајни постигнувања во примена на наученте резултати и
– да има придонес во оспособувањето на научни кадри.
Научен советник (редовен професор) може да биде избрано лице кое ги исполнува следниве услови:
– да има научен степен доктор на науки од подрачјето за кое се избира;
– да има повеќе рецензирани научни трудови објавени самостојно или во соработка со други автори кои имаат значајно влијание во развојот на науката и практиката;
– да бил главен истражувач или да има значаен придонес во реализирање на програми и проекти и
– да има значаен придонес во оспособувањето на научни кадри.
При изборот или реизборот во повисоко, односно исто научно звање во предвид се земаат објавени научни трудови во научни списанија, монографии, учества на меѓународни проекти, конференции и собири, постигнати резултати и придонес во создавањето млади научни кадри во времето од последниот избор.

Соработнички звања

Член 55

Помлад асистент истражувач може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:
– да има завршено високо образование;
– да има просечен успех на студии од најмалку 8.00; и
– да покажува способности за научни истражувања.
Асистент истражувач може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:
– да има завршено магистерски студии;
– да има објавено научни трудови и
– да има постигнато резултати во научните истражувања.

Член 56

Помлад асистент-истражувач заснова работен однос и се избира во звањето за време од 3 (три) години со право на уште еден избор.
Асистент-истражувач заснова работен однос и се избира во звањето за време од 3 (три) години со право на уште еден избор.
Асистент истражувач кој се здобил со научен степен на доктор на науки може да биде избран во тоа звање неограничено.
Научен соработник, виш научен соработник и научен советник се избираат за период од 5 (пет) години.
Научниот советник по првиот реизбор, повеќе не се реизбира.
Научен соработник, вишиот научен соработник и научен советник кои нема да бидат избрани или реизбрани во научно звање им престанува работниот однос во Институтот.

Член 57

Изборот и реизборот на кандидатите во научни и соработнички звања се врши по пат на јавен конкурс, кој го објавува Институтот во дневен печат, најдоцна 6 (шест) месеци пред истекот на мандатите.
Конкурс се распишува за сите научни звања.
Стекнувањето на научното звање на избраните истражувачи е постапно.

Член 58

Изборот и реизборот во научни и соработнички звања се врши по пат на јавен конкурс, кој го објавува Институтот врз основа на добиена оценка на Рецензионата комисија.

Член 59

Рецензионата Комисија ја формира Советот на Институтот и е составена од најмалку 3 (три) члена.
Повеќето од половината членови на Рецензионата Комисија се избираат од редовите на истражувачите и наставно-научните звања, од исто научно подрачје во научната област во која се избира кандидатот, а другите членови се од соодветна научна област и не можат да бидат во звање пониско од звањето во кое се избира кандидатот.
Член на Рецензионата Комисија, врз принцип на реципроцитет, под услови определени со Законот за научно-истражувачка дејност, може да биде и лице со научно звање од акредитирана високообразовна, односно научна установа во странство, со кој Институтот има склучено спогодба за меѓусебна соработка.
Рецензионата Комисија за сите пријавени кандидати составува и поднесува писмен Извештај, во рок од 2 (два) месеци од денот на нејзиното формирање.
Извештајот на рецензионата Комисија содржи биографски податоци за кандидатот, преглед и оценка на неговата научна работа и исполнетоста на условите за избор во научно односно соработничко звање.
Извештајот од Рецензионата Комисија, Институтот е должен да го објави во соодветен билтен и на веб страницата на Институтот најдоцна 15 дена пред денот на изборот.
Постапката по Конкурсот за избор и реизбор во научни и соработнички звања трае најдолго 6 (шест) месеци.

Член 60

Наученот работник може да биде избран во повисоко звање, доколку ги исполнува условите определени со Закон за научна дејност и има поминато повеќе од половина од мандатот во звање во кое се наоѓа.
Иницијатива за поведување на постапка за избор и реизбор на кандидати во научни и соработнички звања може да поведат Советот и Директорот (деканот) на Институтот или самиот научен работник.

Член 61

Институтот редовно доставува податоци до Министертвото за образование и наука за работниците кои вршат научно-истражувачка работа.
Постапката за избор во научни звања поблиску се уредува согласно со правилникот за критериумите и постапката за избор во наставно-научни, научни, наставни звања донесен од Институтот.

V. ОСНОВНА ГЛАВНИНА, ФИНАНСИРАЊЕ И РАЗВОЈ

Основна главнина на Институтот

Член 62

Од страна на основачот на институтот обезбедени се:
– Средства за работа;
– Опрема за работа;
– Библиотека;
– Простор за работа;
– Лабараторија;
– Учество на Основачот со парични средства кои ќе бидат уплатени на сметката на Институтот.
Основната главнина на Приватниот научен институт изнесува вкупно: 60.000,00 МКД, парични средства уплатени на трансакциската сметка на институтот.

Планирање на средства за работа на Институтот

Член 63

За извршување на наставно-истражувачката дејност, Советот на Институтот на предлог на Директорот донесува Годишна програма за работа и развој.
Финансирањето во почетниот период на ново формираниот Институт во потполност ќе го обезбедува Основачот, со посебни Договори за меѓусебна соработка.

Приходи на Институтот

Член 64

Институтот стекнува сретства од:
– професионални семинари и конференции;
– вршење научно-истражувачка и применувачка односно апликативна дејност за домашни и странски правни и физички лица;
– различни форми за надградување, продлабочување или проширување на знаењата и континуирана научна истражувачка работа;
– размена на научни и стручни услуги и производи со домашни и странски физички и правни лица,
– вршење научна и стручна дејност и продавање услуги на домашни и странски правни и физички лица,
– дејности по основ на јавни овластувања;
– уметнички творби;
– камати и дивиденди;
– авторски и други интелектуални права;
– издавачка дејност;
– средства од трговските друштва основани од Установата;
– од домашни и странски правни и физички лица;
– други извори.
Посебни приходи:
– проекти;
– научен проекти што се реализираат врз основа на спогодби;
– закупнини и други приходи од имот;
– фондови и фондации, установи и трговски друштва основани од Институтот;
– легати, подароци, завештанија, прилози;
– други остварувања.

Член 65

Доколку Институтот со својата работа оствари добивка, истата ќе ја распредели според одлуката на Основачот.

VI. АВТОНОМИЈА НА ИНСТИТУТОТ

Член 66

Институтот ја врши својата дејност врз принципот на академска автономија, која опфаќа и финансиска автономија изразена во:
– донесување финансиски планови;
– самостојно управување и располагање со имотот, предметите, паричните средства и другите материјални права за вршење на научно-истражувачката, применувачката, односно апликативната дејност;
– самостојно распределување на стекнатите средства;
– самостојно располагање со средствата што Институтот ги стекнува од образовни активности на постдипломски студии, доживотно учење и програмите за стручно и професионално усовршување, вршење научно-истражувачка, стручна дејност и продавање производи на домашни и на странски правни и физички лица, дејности по јавни овластувања, авторски, уметнички и други интелектуални творби, од научен проекти, применувачки, односно апликативни дејности, од камати, дивиденди, легати, подароци, завештенија, прилози и други остварувања;
– самостојно одлучување за развој на нови дејности, кои не се финансираат од Буџетот на Република Северна Македонија, а се во функција на развој на научно-истражувачката дејност;
– формирањето фондови, фондации, основањето трговски друштва и други организации од сопствени приходи, донации и други извори заради вршење научно-истражувачка, издавачка и применувачка, односно апликативна дејност;
– слободно воспоставување контакти и соработка со глобалниот бизнис на локално, регионално, национално и меѓународно ниво.

Неповредливост на простор

Член 67

Просторот на Институтот е неповредлив. Просторот на Институтот го опфаќа просторот (објекти и земјиште) во кој се сместени и во кој се остварува дејноста на Институтот, другите придружни објекти, како и просторот наменет за спортски, културни, уметнички, рекреативни и други активности на вработените на Институтот и земјиштето чијшто корисник е Институтот.

Заштита на автономија

Член 68

Полицијата и други државни органи на безбедност не можат без согласност на Директорот или на лице овластено од него, да влегуваат во овој простор, освен заради отстранување на состојба на непосредна опасност по животот и здравјето на вработените и имотот на Институтот, настаната од кои и да било причини како спречување на извршување на кривично дело, на непосредно што предстои или започнато кривично дело, за задржување на неговиот сторител како и во случај на природни и други непогоди (пожар, поплава и слично).

Член 69

На Институтот се забранува политичко и верско организирање и дејствување, како и истакнување партиски и верски обележја.

Мирно решавање на споровите

Член 70

За решавање на споровите на Институтот, Директорот формира совет за посредување, кој учествува и помага во разрешувањето на настанатата состојба. Извештајот на советот се доставува до Директорот, а по потреба и до Советот на Институтот. Ако Директорот односно Советот не го прифати извештајот, Директорот формира арбитража. Одлуката на арбитражата за настанатиот спор е задолжителна за страните помеѓу кои настанал спорот.
При решавањето на споровите не може да се попречува редовното извршување на дејноста на Институтот. Во спротивно, Директорот е должен да свика вонредна седница на Советот на Институтот заради преземање соодветни мерки за спречување, односно за отстранување на последиците предизвикани од настанатата состојба.

VII. ИНФОРМИРАЊЕ

Јавност во работата

Член 71

За работата на Институтот и воопшто, за дејноста на научната Установа, Институтот ја известува јавноста преку дневниот печат, радиото, телевизијата и социјалните медиуми.
Институтот има своја веб-страница, преку која се обезбедува достапност на релевантни податоци и информации од дејноста и работењето на Институтот.

Член 72

Институтот издава јавни гласила, и тоа:
– Билтен на Институтот, каде што се објавуваат рецензии, реферати и други акти на Институтот, утврдени со општите акти на Установата;
– Други јавни гласила и медиуми.
По потреба, Институтот може да издава и други јавни гласила. Одлука донесува основачот.

VIII. ДЕЛОВНА ТАЈНА

Член 72

Како деловна тајна се сметаат документите и податоците од работењето на Институтот кои како такви ќе бидат определени со акт на Советот или врз основа на закон.
Со акт на Советот може да се определи сите исправи и податоци што се однесуваат на одделните делови од работењето на Институтот да се сметаат како деловна тајна.
Институтот ги чува како тајна документите и податоците што надлежен орган ги прогласил за деловна тајна и кои, како доверливи, му ги доставил или за кои го известил надлежниот орган, документите од областа и за потребите на АРМ, документи од меѓународна соработка, ако се означени како строго доверлива тајна, работи од одбраната, како и документите што се од посебно значење во согласност со закон.

IX. ОПШТИ АКТИ НА ИНСТИТУТОТ

Член 74

Во Институтот ќе бидат донесени покрај Статутот и други акти, како што се:
– Деловник за работа на Советот на Институтот;
– Правилник за организација и систематизација на работните места во Институтот;
– Правилник за плати и авторски хонорари;
– Правилник за научно и стручно усовршување и оспособување на младите кадри;
– Правилник за работни односи;
– Правилник за сертификати;
– Правилник за обезбедување на квалитет, евалуација и самоевалуација;
– Правилник за единствените критериуми и постапката за избор во научни и соработнички звања на Институтот;
– и други акти.

X. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 75

Институтот со називот од член 8 на овој Статут е регистриран во надлежниот регистар.

Член 76

Статутот и другите општи акти на Институтот ги изготвува Комисија определена од Основачот.
Статутот се смета за донесен ако за него гласале повеќе од половината од членовите на Советот на Институтот од редот на претставниците на осоновачот.

Член 77

Измените и дополнувањето на Статутот се вршат на ист начин и постапка како и при неговото донесување.

Член 78

Општите акти на Институтот ќе се усогласат со овој Статут во рок од 3 месеци од денот на неговото влегување во сила.
За се она што не е регулирано со овој Статут ќе се применуваат одредбите од Законот за научно-истражувачка дејност.

Член 79

Овој Статут влегува во сила со денот на негово донесување.
Статутот е усогласен со законските измени од Законот за научно-истражувачка дејност.

12. 07. 2021 година,

Претседател на Совет на институтот
Академија за естетска стоматологија

Проф. Д-р Ана Миновска

Основач

Коте Тасевски